Конференција: „Модели за финансирање на програмите за превенција на ХИВ и намалување на штети од употреба на дроги“

На вчерашаната конференција организирана од нашата невладината ХОПС- опции за здрав живот, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, изјави: „Потребно е да се најде соодветен модел за финансирање на овие програми, кои во најголем дел ги спроведуваат невладините организации, а не та како што е досега да зависи од политичката волја на некој министер. Можеме да финансираме и бизнис и граѓански сектор, но затоа се потребни регистар, стандарди, па потоа утврдување на цена на чинење“.

Заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека Министерството е отворено за сите предлози и дека ја подржува заложбата да се најде системско решение за превентивните програми. Воедно потенцираше дека еден денар во превенција штеди 10 денари во лекување. Тоа го кажа од аспект на  гинеколог, кој на Клиниката за гинекологија ја породи првата ХИВ позитивна родилка во 1997 година. Исто така нагласи дека мора да се направи стратегија за превенција која нема да зависи од политичката волја.

Христијан Јанкулоски, извршниот директор на ХОПС изјави дека оваа година се одбележуваат 30 години од откривање на првиот случај на ХИВ во Република Македонија. Истовремено се одбележуваат 20 години од воспоставување на првата програма за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија, отворена од страна на ХОПС. Во тоа време програми биле отворени во Хрватска и во Словенија. Тоа биле првите зачетоци на овие програми во Југоисточна Европа, отворени од страна на граѓански организации како одговор на потребите и проблемите на корисниците на дроги, а следени од искуствата на европските земји.

„Сите влади на Република Македонија од 2003 па до денес, заедно со граѓанскиот сектор успешно развија и имплементираа три Национални стратегии за ХИВ (2003-2006, 2007-2011 и 2012-2016), а во фаза на финализација е стратегијата 2017-2021 година. Истите стратегии беа финансиски поддржани од страна на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија со вкупна вредност од околу 26 милиони долари. Поради високиот економски развој и ниската стапка на ХИВ инфекцијата земјата неможе повеќе да аплицира за грантови од овој фонд.“ - Христијан Јанкулоски

„Македонија остана земја со најниска преваленца на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа. Изградени се сите капацитети кои можат да дадат одговор на ХИВ епидемијата (превенција, третман, грижа и поддршка) и истите треба да продолжат да добиваат поддршка и во иднина.“ - Х. Јанкулоски

На 5 септември 2017 година Владата на Република Македонија усвои одлука со која од 2018 година се обезбедуваат 103 милиони денари од националниот буџет за превенција и третман на ХИВ. Сеуште остануваат предизвиците. Најмногу во однос на изнаоѓање механизам на финансирање на граѓанските организации од националниот буџет. Истите мора да функционираат по принципот на припејд системот со сите аспекти на отвореност, отчетност и транспарентност. Мора да постои повеќегодишен план за имплементација со минимален едногодишен план за финансирање. Овој механизам мора системски да биде интегриран без можност за политичка или друга интерпретација со цел овие сервиси да не бидат изложени на ризик од задоцнета поддршка. Овие сервиси, раководени и имплементирани од страна на граѓанските организации треба да бидат препознаени во националното законодавство и подзаконските акти.

„Треба да се бараат и други можности за финансирање на овие услуги кои ги даваат граѓанските организации. На пример, програмите за намалување на штети од употреба на дроги може да добиваат финансиска поддршка од акцизите за тутун и алкохол. Досегашната пракса говори дека од доделените средства од акцизи на министерството за здравство само 3% одат за поддршка на програмата за третман на зависности.“ - Христијан Јанкулоски

Воедно на конференцијата и беше предаден рачно изработениот клуч на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кој значи: Со клучни одлуки до здрава заедница! #СпасиЖивоти