Петиција за финансирање на програмите за намалување на штети

 Support. Don't Punish. Подржи не казнувај.

 

И оваа година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје е дел од меѓународната кампања Support. Don't Punish. Подржи не казнувај. Главна цел на оваа кампања во Македонија е одржливоста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги . 

Македонија се наоѓа во фаза на неизвесност во однос на континуитетот на превентивните програми за ХИВ вклучително и програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои до сега ги спроведуваат граѓанските организации а беа финансирани од Глобалниот фонд за борба против Сида, туберкулоза и маларија. Имено, проектот за превенција на ХИВ финансиран од страна на Глобалниот Фонд завршува на 30 Јуни и постои сериозна опасност без соодветна финансиска подршка од страна на Министерството за здравство и Владата на РМ најголемиот дел од овие програми да престанат да работат. 

 

Благодарение на овие програми, во последниве десет години вo Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5% од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги. 

Овие бројки се далеку помали за разлика од состојбите во другите, соседни земји. Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа. Доколку не се одржат програмите за намалување на штетите од употребата на дроги, постои ризик од појава на епидемија на ХИВ во Македонија како резултат на интеракција со епидемиите во соседните земји и зголемување на ризичното однесување“.

Според пресметките, трошокот за еден клиент во програмите за намалување штети изнесува приближно 155 евра годишно. Наспроти ова, трошокот само за лекови за еден пациент заболен од хепатит Ц изнесува и до 13.194 евра, а ненавременото и несоодветно лекување хепатит Ц предизвикува цироза на црн дроб, чие лекување чини повеќе од 30.000 евра по пациент.

Дополнително, трошоците за лекување ХИВ и хепатит Ц финансиски ги исцрпуваат семејствата на луѓето кои имаат потреба да се лекуваат, а со тоа понатаму се мултиплицираат несаканите трошоци и се нарушува целокупната општествена благосостојба. Финансирањето на овие програми всушност значи штедење на пари за третман и она што е најзначајно ќе се спасат човечки животи.

Во рамките на кампањата ќе се организира и потпишување на петиција за финансирање на програмите за намалување на штети од буџетот на Република Македонија. Петицијата може да ја потпишете онлајн на овој линк, како и на Плоштад Македонија, Скопје на 27.06 Вторник од 10 до 18 часот.

За да бидете дел од кампањата Ве мотивираме да се фотографирате со логото од кампањата на Support. Don't Punish. кое можете да го најдете на овој линк.

Фотографиите споделете ги на социјалните мрежи со хаштаг #SupportDontPunish како и #спасиживоти и на следнава електронска пошта campaign@idpc.net

Воедно можете да го погледнете и повик за избор на најдобра новинарска статија на тема „Одржливоста и потребата на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Република Македонија“, линк.

Рокот за аплицирање за најдобра новинарска статија е 03.07.2017 година до 17 часот