СООПШТЕНИЕ - Како да се намалат штетите од употреба на дроги

(Скопје, 22.06.2017) - „Со клучни одлуки до здрава заедница“ е кампања на Здружението на граѓани ХОПС, за континуирана финансиска поддршка на програмите за намалување на штетите од употреба на дроги. Кампањата е воедно повик до носителите на одлуки за продолжување на проектите и програмите кои работат на превенција и унапредување на јавното здравје.

Програмите за намалување штети се карактеризираат со комплементарност и нудат повеќе услуги на едно место. Размена на стерилен прибор за инјектирање, дистрибуција на кондоми, услуги од медицинско лице за советувања, базичен третман на рани поради долготрајно и неправилно инјектирање, едукации, како и социјален работник за поддршка за остварување на правата од социјална и здравствена заштита, асистенција и придружување на клиенти до соодветни институции и организации, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош се бројните функции на овие програми.

Достапноста  на  програмите за нас како спроведувачи значи да ги сведеме на минимум негативните ефекти што произлегуваат од употребата на дроги. Програмите ни овозможуваат да едуцираме, да интервенираме при размена на стерилен прибор, да советуваме преку нашите стручни соработници и на повеќе начини да им помогнеме на луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства. Токму поради ваквите карактеристики, овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко. Ваквиот пристап и овој процес има и економски аспект, односно е неколку пати поевтин отколку трошокот за лекување на зависноста“, изјави Христијан Јанкулоски, извршен директор, ХОПС.

Досега овие програми и активности се финансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чија поддршка завршува во јуни 2017 година и континуитетот на истите е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка. Тоа значи дека над 10.000 луѓе кои употребуваат дроги како и членови на нивните семејства, ќе останат без соодветна здравствена и социјална заштита. 

„Благодарение на овие програми, во последниве десет години во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ како резултат на инјектирање дроги, а помалку од 5% од вкупно 315 регистрирани случаи со ХИВ биле луѓе кои инјектираат дроги. Овие бројки се далеку помали за разлика од состојбите во другите, соседни  земји. Македонија е со најниска стапка на ХИВ во регионот на Југоисточна Европа. Доколку не се одржат програмите за намалување на штетите од употребата на дроги, постои ризик од појава на епидемија кај оваа популација, како резултат на интеракција со епидемиите во соседните земји и зголемување на ризичното  однесување“, изјави Влатко Деков, програмски менаџер на ХОПС. 

Затворањето на програмите претставува сериозна закана за јавното здравје во Република Македонија, особено што се однесува на ХИВ и на хепатит Ц и има финансиски импликации. Според пресметките, трошокот за еден клиент во програмите за намалување штети изнесува приближно 155 евра годишно. Наспроти ова, трошокот само за лекови за еден пациент заболен од хепатит Ц изнесува и до 13.194 евра, а ненавременото и несоодветно лекување хепатит Ц предизвикува цироза на црн дроб, чие лекување чини повеќе од 30.000 евра по пациент. Дополнително, трошоците за лекување ХИВ и хепатит Ц финансиски ги исцрпуваат семејствата на луѓето кои имаат потреба да се лекуваат, а со тоа понатаму се мултиплицираат несаканите трошоци и се нарушува целокупната општествена благосостојба.

„Оваа година Министерството за здравство, првпат издвои 14,6 милиони денари за здруженија на граѓани. Овие средства, заедно со преостанатите средства од Глобалниот фонд, се наменети за спроведување на програмите во втората половина на 2017 година. Имајќи предвид дека имаме само 10 дена до 1 јули и сите разумни рокови се пробиени, како Платформа бараме донесување на итно решение за користење на средствата од програмата за ХИВ и преостанатите средства од Глобалниот фонд за клучните програми ширум земјата. Со тоа да не се дозволи на 1 јули да настане прекин во помошта за овие групи и превенцијата на ХИВ. Исто така, бараме да се воспостави соработката помеѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор и останатите засегнати страни за донесување на соодветни закони или подзаконски акти, кои ќе гарантираат транспарентност, соодветна експертиза и одржливост на програмите за превенција на ХИВ на подолг рок“, изјави Елизабета Божиноска, координатор на платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ.

Кампањата „Со клучни одлуки до здрава заедница” чија главна цел е одржливост на програмите за намалување штети од употреба на дроги во Македонија е иницирана од ХОПС заедно со Платформата за одржливост на програмите за превенција и поддршка на ХИВ во која членуваат 16 здруженија на граѓани. 

Македонија во моментот е лидер во регионот во превенција од ХИВ, така што еден од примарните приоритети на Министерството за здравство е да ја задржиме најниската стапка на ова заболување и во континуитет да работиме на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во оваа област. Изминативе денови се сретнав со претставници на здруженијата ХЕРА, ХОПС и Заедно посилни, со кои заеднички ќе работиме на изнаоѓање системски решенија во оваа област“ изјави  д-р Арбен Таравари, Министер за здравство.