И оваа година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје е дел од меѓународната кампања Support. Don't Punish. Подржи не казнувај. Главна цел на оваа кампања во Македонија е одржливоста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги . 

Македонија се наоѓа во фаза на неизвесност во однос на континуитетот на превентивните програми за ХИВ вклучително и програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои до сега ги спроведуваат граѓанските организации а беа финансирани од Глобалниот фонд за борба против Сида, туберкулоза и маларија. Имено, проектот за превенција на ХИВ финансиран од страна на Глобалниот Фонд завршува на 30 Јуни и постои сериозна опасност без соодветна финансиска подршка од страна на Министерството за здравство и Владата на РМ најголемиот дел од овие програми да престанат да работат. 

 

(Скопје, 22.06.2017) - „Со клучни одлуки до здрава заедница“ е кампања на Здружението на граѓани ХОПС, за континуирана финансиска поддршка на програмите за намалување на штетите од употреба на дроги. Кампањата е воедно повик до носителите на одлуки за продолжување на проектите и програмите кои работат на превенција и унапредување на јавното здравје.

Програмите за намалување штети се карактеризираат со комплементарност и нудат повеќе услуги на едно место. Размена на стерилен прибор за инјектирање, дистрибуција на кондоми, услуги од медицинско лице за советувања, базичен третман на рани поради долготрајно и неправилно инјектирање, едукации, како и социјален работник за поддршка за остварување на правата од социјална и здравствена заштита, асистенција и придружување на клиенти до соодветни институции и организации, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош се бројните функции на овие програми.

Достапноста  на  програмите за нас како спроведувачи значи да ги сведеме на минимум негативните ефекти што произлегуваат од употребата на дроги. Програмите ни овозможуваат да едуцираме, да интервенираме при размена на стерилен прибор, да советуваме преку нашите стручни соработници и на повеќе начини да им помогнеме на луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства. Токму поради ваквите карактеристики, овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко. Ваквиот пристап и овој процес има и економски аспект, односно е неколку пати поевтин отколку трошокот за лекување на зависноста“, изјави Христијан Јанкулоски, извршен директор, ХОПС.

Во Македонија постојат 17 програми за намалување штети од употреба на дроги во речиси сите поголеми градови. Што всушност претставуваат овие програми?

Според Европскиот центар за мониторинг на дрогите и зависностите од дроги, намалувањето штети се дефинира како збир од активности, програми и политики насочени кон намалување на здравствените, социјалните и економските последици од употребата на дроги на индивидуално, локално и општествено ниво.

 

Во 1996 година, во Република Македонија е отворена првата програма за намалување штети (со размена на прибор за инјектирање) и ХИВ превенција меѓу луѓето кои користат дроги. Со поддршката на Глобалниот фонд, од 2004 година се отворија вкупно 17 вакви програми во 14 градови и тие се оценуваат како едни од најдобрите во Централна и во Источна Европа, како и во Централна Азија. Благодарение на овие програми, во последниве десет години, во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ, заразени преку инјектирање дроги.